Археолошки Информатор

Кон крајот на 20 и првите децении на 21 век на територијата на Р Македонија се истражувани стотици археолошки локалитети. Едни се со назнака „капитални“, други плански, долгорочни и систематски ископувања, трети имаат статус на превентивни со заштитен режим заради инфраструктурни и земјени работи на теренот, дел од нив се наоѓани со стручно рекогносцирање, но има и такви кои сеуште се мета на нелегални трагачи чија цел е „скриено азно“ што ветува незаконска трговија.

Бројот на движните наоди се искачува на повеќе стотици илјади почнувајќи од огромниот студиски материјал до ексклузивните примери на врвни археолошки артефакти од сите етапи на човековата егзистенција на овие простори.

Археолошката документација, главно, педантно ги забележува податоците на нивното наоѓање. Медиумите, јавните гласила и социјалните мрежи речиси секојдневно објавуваат детали за овие откритија. Со тоа, до некаде се задоволуваат дневните интересирања на пошироката јавност меѓутоа, за научно фундираните статии, за анализи и расправи, за монографии и други референтни публикации потребни се повеќегодишни, макотрпни истражувања така што нивниот број објективно не може да соодветствува со новопронајдените материјали.

Археологијата не е и не смее да биде ефемерна манифестација. Рекогносцирањата, ископувањата, потоа конзервацијата и презентацијата на движните и недвижни објекти се дејствија кои ако не се верификуваат со соодветна стручна интерпретација пред јавноста губат од својата веродостојност. Тие неминовно се престоруваат (претвораат) во анахрони, усмени преданија а не во дел од глобалните хуманистички спознанија.

Како поук од овие трендови и од светските искуства се дојде до заклучок дека овие неповолни состојби можат да се надминат со формирање на гласило чие име „Археолошки Информатор“ само по себе ја објаснува намената и ја зацврстува оваа послаба алка во нашите професионални стремежи. Прелиминарни или претходни извештаи за третираните локалитети, издржани елаборации за ексклузивните наоди, рецензии за нова и провокативна стручна литература и други информации од областа на археологијата форматирани во куси но, содржајни известувања можат да бидат вистински вовед за натамошна по продлабочена работа на одделна археолошка проблематика. Имено, од разни причини, од непредвидливи прилики/неприлики ваквите текстови неретко остануваат како единствени, првични и меродавни соопштенија за извршените работи.

Веруваме дека на ваков начин многу млади истражувачи ќе се охрабрат да ги изнесат (презентираат) од прва рака резултати од своите активност, додека поискусните да ги сублимираат насобраните опсервации за некое свое видување или теза која кај нив созреала со текот на времето.

Со надеж дека оваа иницијатива ќе биде од полза за сите на списанието Археолошки Информатор му посакуваме долговечност, успех и добар прием во глобалната потрага за напредок на археолошката мисла.